НАЦИОНАЛЕН   ПАРК   ГАЛИЧИЦА    

 

Контакт: ул.Галичица б.б.  Тел/факс : +389 46 261 473   e-mail: galicica@galicica.org.mk

 

ЈУНП Галичица  на Медитере


Учеството на меѓународниот саем за национални паркови „Медитере” кој се одржа од 7 – 11 мај во Бари, Италија, за делегацијата на Јавна установа Национален парк Галичица (ЈУНПГ) беше извонредна можност да се воспостават нови контакти со партнери од Италија кои работат со националните паркови од Италија и пошироко, особено медитеранскиот регион. Покрај учеството со посебен штанд, Национален парк Галичица на саемот се промовира и со две презентации на работилниците организирани во рамките на овој голем меѓународен настан.  Ваквите активности го привлекоа вниманието на повеќе паркови и организации кои работат на полето на заштита на придодата во медитеранскиот регион и пошироко.  

.

Претставување на паркот

За истакнување е работниот состанок со италијанската федерација на национални паркови Federparchi(Federazione Italiana Parchi e Riserve naturali) и Асоцијацијата на управители и јавната администрација во заштитени подрачја на (AIDAP - Associazione Italiana Direttori e  Fuzionari Aree Protette). На состанокот беа утврдени заедничките интереси и полињата за техничка соработка помеѓу италијанските национални паркови и ЈУНПГ. Во насока на конкретизирање на потенцијалите за соработка, претставници од ЈУНГП беа поканети на состанок на Federparchi и AIDAP  со Светската унија за заштита (IUCN), Националната служба на паркови (NSP) од САД и други влијателни организации на полето на заштитата во меѓународни рамки, кој ќе се одржи на 10-ти јули 2008 година во Торино, Италија. Состанокот ќе се одржи во рамките на подготовките за Светскиот конгрес за заштита кој ќе се одржи во Барселона, Шпанија, од 5-14 октомври 2008 година. Светскиот конгрес за заштита се одржува на четири години во организација на IUCN и претставува најголем и најзначаен настан на полето на заштитата на природата. Преку ваквите активности ЈУНПГ ќе се поврзе со регионалните и глобалните мрежи за заштита на природата и ќе обезбеди подобар пристап до значајни технички и финансиски ресурси.

Покрај тоа, директорот на ЈУНПГ Зоран Ангелоски и м-р Оливер Аврамоски остварија средба со централата на италијанската невладина организација CRIC (Centro Regioanle di Intervento per la Cooperacione) која од 2005 година, заедно со ЈУНПГ, го спроведува проектот „Прекуграничен парк Преспа”. Од другите активности, да го споменеме и работниот состанок со регионалната гранка на Италијанскиот клуб на алпинисти во Калабрија (CAI Club Alpino Italiano) на која беше договорено експерти од оваа организација со над 300.000 членови да помогне во одредување и обележување на алпинистички патеки во ЈУНПГ согласно востановените меѓународни стандарди.   

Во текот на својот престој во Италија, делегацијата на ЈУНПГ оствари и други работни средби со невладини организации од регионот Калабрија односно управите на националните паркови „Аспромонте” и „Етна”

20.05 2008 ( Вторник )