|
Јавната установа Национален парк Галичица има
законска обрска да се грижи за природните вредности
во паркот истиот и понатаму да биде простор со
висока вредност, познат по својата исклучителна
убавина и биолошка разновидност, место кое сеуште
ги покажува посебните квалитети поради кои беше
прогласено за Национален парк. Сепак, ваквата мисија
е неостварлива доколку за тоа нема поддршка од сите
вработени во установата, но и од пошироката јавност,
посебно локалното население. Ваквата мисија е
остварлива само доколку установата, локалното
население и пошироката заедница споделуваат иста
Визија за иднината на нашиот парк.
Создавањето на заедничка Визија е процес во кој
треба да се слушнат и разгледаат гледиштата,
размислувањата и очекувањата на најразлични
општествени групи, инситутции и бизниси. Очекувано е
некој од нив ќе се разидуваат, дури и да бидат
спротиставени. Целта на процесот за создавање на
заедничка Визија е да се изнајдат компромиси и да се
дојде до заеднички договор. Само широко прифатена
Визија за иднината на паркот ќе биде здрава основа
за понатамошното планирање, за поставување конкретни
цели, односно нивно исполнување преку разни мерки и
активности.
На почетокот на овој процес, на 10 ноември 2008
година, вработените во Јавната установа Национален
парк Галичица одржаа работилница на која беа
дефинирани клучните зборови, фрази и изјави кои тие
би сакале да бидат вградени во идната заедничка
Визија за Националниот парк Галичица. Врз основа на
резултатите од работилницата ќе се изработи предлог
Визија која во понатамошниот тек од процесот ќе биде
дополнета или изменета согласно предлозите од сите
заинтересирани и засегнати страни, вклучително и
локалните заедници, институциите на локално и
државно ниво, невладините организации, бизнисите и
други општествени групи.
12.11 2008 ( Среда )

|