|
Климата
во Охридско-Преспанскиот регион, а со тоа и на
планината Галичица која ги дели овие две котлини е
условена од неколку фактори што придонесуваат таа да
биде различна од нејзиното пошироко опкружување.
Засебното влијание на секој од овие фактори не е
толку големо, но нивното взаемно дејство придонесува
да се појави еден посебен вид на
умерено-континентална клима. Ова го овозможуваат
следниве фактори:
- меридијанскиот
правец на протегање на планината Галичица кој ја
олеснува комуникација на воздушните маси во правецот
север-југ, што овозможува на нејзините падини да се
чувствува влијанието на медитеранот
- релативно
ниските планински превои во Албанија и близината на
Јадранското и Јонското море, кои од Галичица се
оддалечени 110 км го овозможуваат продирањето на
топлите морски струења
- големата
количина на вода во Охридското и Преспанското езеро
која се јавува како своевиден акумулатор на топлина
ги намалува температурните амплитуди кои се јавуваат
помеѓу денот и ноќта и помеѓу годишните времиња
- варовниковата
геолошка подлога која климата ја прави потопла и
посушна;
Секако овие фактори не дејствуваат
подеднакво на целата територија на националниот
парк. Има делови во кои влијанието на овие фактори е
поголемо и климата во нив е нај умерена што
придонело да се појават растителни видови типични за
медитеранот. Од друга страна големата надморска
височина и експозиција на некои падини прават
климата да биде слична на алпската што условува
присуство на алпски флорни елемeнти.

|