|
Националниот парк
зафаќа површина од 25 000 ха, од кои околу 11 % е
приватна сопственост. Најниска точка е нивото на
Охридското Езеро 695 м.н.в. и нивото на Преспанското
Езеро 850 м.н.в., а највисока врвот Магаро 2255
м.н.в. Планината Галичица има развиен рељеф со
длабоки долови и стрмни падини кон двете езера.
Поради рељефните карактеристики, единствениот масив
на Галичица поделен е на четири засебни делови.
Делот јужно од
Зли дол се именува како Стара Галичица. Тоа е
највисокиот и најмаркантниот рељефен дел на
националниот парк. Неговите страни стрмно се
отсечени кон езерата и избраздени се со суводолици
што на планината и дава изглед на непристапност. Во
неговиот централен дел оформено е широко плато со
надморска висина поголема од 2000 м. На него се
застапени скоро сите површински карсни форми.
На север од него
се наоѓа делот Галичица. Највисокиот врв
Вакоски гној има централна позиција и висина од 1999
м. Во овој дел ширината на планината е најмала (9,75
км). Падините кон Охридското езеро се стрмни и
слични со оние од претходниот дел, додека источните
падини поблаго се спуштаат кон Преспанското езеро.
Платото во централниот дел е на висина од околу
1400 м. и на него се оформени четири карстни полиња.
Остатокот од
масивот меридијански е поделен на два дела и тоа
Петрино кој гравитира кон Охридската и Исток
кон Преспанската котлина.
 |