|
Во групата строго
заштитени делови на паркот вклучени се предели и
биотопи кои имаат универзално или национално значење
односно се одликуваат со автентичност и природна
состојба на растителните и животинските заедници, со
нивната мала распространетост претставуваат типични
и единствени појави и се одликуваат со особени
природни убавини. Такви предели во паркот се:
- Пределите
на високо планинските тревни заедници на стара
Галичица во кои ги
среќаваме најзначајните геоморфолошки облици:
раседен отсек, циркови, ували и највисокиот врв
Магаро. Од растителниот свет на овој простор
среќаваме ретки заедници кои се во изворна состојба
богати со реликти и ендеми. Овој простор е
живеалиште на ретки и загрозени видови птици како
што се: златестиот орел, белиот и белоглавиот
мршојадец и сивиот сокол.
- Островот
Голем Град кој има големо
зоолошко значење бидејки на него се гнездат многу
видови птици меѓу кои и некои многу ретки и
загрозени видови како што се: белата чапја,
пеликанот, пиштарката, големиот корморан и големата
брегова ластовица.
- Крајбрежните
карпи и клифови на Охридското и Преспанското Езеро
на кои живее и се развива посебен и ендемичен
растителен и животински свет и кои заради големите
пејсажни и естетски вредности се природни убавини од
посебно значење за националниот парк.
- Извориштето
кај Св.Наум кое спаѓа во
нај издашните во овој дел од Балканскиот полуостров
е репрезентативен геоморфолошки и хидролошки објект
кој се наоѓа во изворна состојба и се одликува со
исклучителна пејсажна вредност.
- Блатото
кај село Стење кое е
екосистем на ендемичен и специфичен терциерен свет
на езерската фауна. Поради опѓањето на нивото на
Преспанското Езеро блатото во моментов е скоро
наполно исушено и ги има изгубено дел од
вредностите.
Во строго заштитените зони владее таков режим на
заштита што ќе обезбеди непречен тек на природните
процеси и зачувување на разновидноста на генетскиот
фонд. За обезбедување на оваа цел забранети се сите
активности со исклучок на научно истражувачката
работа и организирани посети по претходно одобрение
на управата за заштита на националниот парк.
 |